На 7-ми август започна младинска размена Back to Basics, која веќе традиционално се одржува во Омен, Холандија. Тројца млади од нашата држава имаа можност да присуствуваат на размената која им го променила животот. Во продолжение можете да прочитате какво е искуството на Борјан. 

За мене, а и за добар дел од македонскиот тим, ова беше прво какво било искуство со младинските размени подржани од Еразмус+ програмата на Европската унија и верувам дека токму поради Бек ту Бејсикс, нашите стандарди за тоа како треба да изгледа една размена се поставени на многу високо ниво. Темата на размената беа претприемништвото, тимската работа, комуникацијата и соработката, особено во рамки на еден тим. Работилниците и активностите кои ги имавме беа одлично изведени и успеаа да нѝ го пренесат најбитното знаење поврзано со темата на размената. Пристапот на учење преку правење (learning by doing) за прв пат го почувствував во вистинско светло и го увидов неговиот потенцијал токму на Бек ту Бејсикс. Првите 6-7 дена од размената беа подготовка за, и вовед во главниот дел од размената, односно нашиот аутдор експириенс. Во неделата на 15-ти август, во 6 часот наутро, како во услови на вонредна воена состојба или подобро кажано, како на воена обука, сите бевме разбудени со силна бучава создадена од ѕвонци, лонци, силно чукање по вратите и така започнаа четирите дена кои можат да променат една личност. Ако човек не се промени, барем ќе научи нешто ново за себе, за луѓето воопшто и ќе му се овозможи нова перспектива на животот и проблемите со кои луѓето се сооучуваат и како со нив се справуваат. Без телефони, пари и храна, сфаќаш дека комуникацијата со луѓето може далеку да те одведе. Изреката „Заедно сме посилни“ почнуваш да ја согледуваш со своите очи и разбираш дека ако тимот е сложен, има добра комуникација, тогаш со соработка, односно со здружени сили, ниту една цел не е толку недостижна. Имајќи само насмевка на лицето, топол збор и искрена намера успеавме да ја добиеме добрината на странците и нивната љубезност. Она што лично јас го научив е дека добрината и љубезноста сѐуште постојат, топлината која ја зрачат е неопислива и секој треба да верува во овие особини, да ги развива кај себе за им се врати вербата на луѓето во човештвото. Освен тоа, почувствував како е да се нема ниту храна, ниту вода, апсолутно ништо, и тоа можам да кажам дека е понижувачки, но не во лоша смисла, туку ми овозможи поразличен поглед на нештата кои ги сметаме за најобични, и сега верувам дека повеќе ги вреднувам малите нешта во животот и почнувам да ја пронаоѓам среќата во нив.

Покрај тие четири дена поминати под отворено небо, еден друг многу убав аспект од оваа размена е нејзиниот мултикултурален и мултинационален карактер. Космополитизмот кај мене се реализираше во реални ситуации и порасна многу повеќе од претходно. Необјасниво е чувството да ја имаш речиси цела Европа собрана на едно мало место. Знам дека тешко е да се најде некоја размена која ќе понуди слично искуство за учење, но силно верувам дека постојат многу можности за слични мултинационални искуства и затоа ја засакав Еразмус+ програмата. Имајќи толку многу различни луѓе на едно место е нешто многу моќно бидејќи е одлична прилика за запознавање со бројни, различни светогледи. Учејќи по нешто за туѓите култури, стекнуваш знаење кое можеш да го примениш врз себе, во својот живот. Како што вели мојот пријател Пабло од Шпанија, учесник на оваа размена, „секој добива можност за повторно себепронаоѓање, затоа што од сите нови луѓе кои ги запознаваш, никој ништо не очекува од тебе.“ Толку многу луѓе на едно место, различности на сите страни, сето тоа блика со инспирација која во тебе вдахнува нова сила и храброст да пробаш нови нешта, да искусиш нешто поразлично или да направиш она нешто кое долго време си го планирал и за кое си размислувал, но никако не си збрал доволно решителност за навистина да си ги оствариш своите замисли. Тој кажа уште нешто кое многу ми се допадна… „На крајот на денот, секој момент, секој разговор и секој предизвик со кој се соочуваш обликува нова верзија од тебе. Кога се враќаш дома, ти не си истиот од порано, ти си многу подобар од претходно..“

Секому му ја препорачувам оваа размена. Одлично искуство ми овозможија МладитеМожат и Чери Интернешнл. Неизмерно сум благодарен за тоа. Пријавете се на некоја од размените кои се надевам дека повторно ќе се организираат наредната година и подгответе се да открието по нешто ново за себе, да научите многу и да ја запознаете Европа во мало. Многу љубов и огроомноо благодарам! Ве сака Борјан!