„Идентификувај — Инспирирај — Делувај“ – пристап кон младинските проблеми по кој Младите можат е позната и на основа на кој до сега се имплементирани голем број успешни проекти. Од септември, 2020та година започна уште еден едногодишен проект во рамките на организацијата преку кој ќе ги идентификуваме младинските потреби и предизвици на локално ниво и ќе ги инспирираме младите, по што тие ќе делуваат за адресирање и решавање на истите. Проектот се спроведува на локално ниво, во општините Карпош, Аеродром и Ѓорче Петров.

Младинските банки нудат уникатен и несекојдневен пристап кон решавање на едно од најгорливите прашања во македонското општество – невработеноста на младите! Многу повеќе од само обуки и тренинзи, овозможувајќи конкретно искуство и директно учество наспроти застарени методи и некреативни концепти за стекнување вештини за вработување, младинските банки ги трансформираат заедниците и животите на младите. Младинските банки претставуваат иновативен модел и програма за создавање грантови преку кои се овозможува финансирање на локални акции од неформални групи млади со цел унапредување на заедницата. Проектот има за цел да поттикне вработување на младите, давајќи им можност да ги стекнат потребните вештини, истовремено учествувајќи во развојот на локалната заедница. Младите ќе имаат можност да ги реализираат своите идеи за поквалитетен живот во заедниците користејќи неповратни средства за проекти.

Преку проектот “Младински локални банки” ние сакаме да воспоставиме систем кој ќе ги поддржува иницијативите засновани на локалното младинско лидерство на поодржлив начин. Проектот има за цел да создаде механизам за соработка помеѓу властите и младите, што резултира со државно финансирање на младински проекти. Целиот процес за основање ќе трае една година (септември 2020 – септември 2021) и за тоа време ќе им овозможи на 30 учесници да дејствуваат како креатори на промени во нивните заедници, три општини во Скопје, по 10 млади од секоја општина. Со обезбедување пристап и видливост до секојдневното функционирање на локалната власт, младите кои ќе бидат вклучени ќе станат уште помотивирани, ќе започнат да ги разбираат работите и ќе развиваат начин на размислување со доза на одговорност и отчетност кон заедницата. Проектот се очекува да биде пример за придонес кон локалните заедници со намера младинските банки да продолжат да се развиваат и во други општини низ целата земја.

Проектот ќе се одвива во неколку фази:

  1. Спроведување на истражување „Анализа на потребите на младите во локалните општини“

Со истражувањето ќе ги идентификуваме главните потреби и предизвици со кои се соочуваат младите на возраст од 15-29 години во трите општини кои ќе воспостават механизам за младински банки.

  1. Формирање на одбор на младински банки во три општини во Скопје

Во втората фаза од проектот 30 млади ќе имаат можност да го формираат локалниот одбор на младински банки и да дејствуваат како креатори на промени во нивните заедници, три општини во Скопје, по 10 млади од секоја општина.

  1. Локални младински проекти

Локалниот одбор на младински банки по формирањето ќе спроведе активности за промоција на младинските банки во нивните локални заедници. Воедно, ќе ги мотивира нивните врсници од заедницата да се активираат поднесувајќи предлози за подобрување на положбата на младите луѓе во општината. По поднесувањето на локалните проекти, Одборот на секоја банка за млади ја донесува одлуката за реализација на проектите. Изборот ќе се заснова на квалитетот на идејата, учеството на младите, оправданоста на средствата, неопходноста на проектот во заедницата, одржливоста и влијанието. Покрај тоа, важен дел е процесот на финансирање на проектите. Секоја општина се очекува да обезбеди буџет за поддршка на локалните проекти.

  1. Промоција на резултатите и размена на искуства

Откако младите успешно ќе ги спроведат своите проекти, истите ќе бидат промовирани пред пошироката јавност преку отворен заеднички настан за споделување на искуства. Целта на оваа активност е да се искористи можноста за искажување благодарност кон младите, институциите, бизнисите и граѓаните за нивниот придонес кон програмата на младински банки.

 

„Младински локални банки“, е проект кој Здружението на граѓани Младите можат го имплементира, a e поддржан од Американската амбасада во Република Северна Македонија.