Овој проект е слика дека група млади од разни возрасти со многу ентузијазам и посветеност можат преку многубројни активности да го подигнат нивото на свесност за придобивките од младинскиот активизам во својата околина. Како млади луѓе кои постојано се стекнуваат со ситуации кои што предизвикале желба за промена, честопати сме се сретнувале со предизвик на каков начин може активно да придонесеме позитивни решенија во околината во која живееме.

Па така, претставниците на одборот на младинската локална банка – Карпош, добија можност да реагираат на локално ниво и да вклучат млади од општината во еден креативен процес на промени.

Главна мотивација да се приклучиме кон овој проект беше можноста за колективен придонес кон подобрување на младинскиот живот во општината, самоиницијативно и на креативен начин да се разгледаат решенија за проблемите кои ги засегаат младите, воспоставување комуникација со други активни млади и ставање акцент на младинскиот активизам како движечка сила на промени во модерното време.- велат членовите на локалната банка.

Во период од седум месеци активна работа како дел од одборот на младински банки, успеаа да се стекнат со нови познанства, се соочија со примери кои предизвикуваат незадоволство кај младите и добија можност да работат на теми кои нив ги засегаат.

Самиот процес на работа беше исполнет со дружба, ентузијазам, стекнување на нови вештини, проширување на гледиштата кон младинскиот активизам и незаборавни моменти кои ќе останат во нивните сеќавања во текот на целиот живот.

Преку актвизмот младите не само што можат моментално да ја подобрат својата локална заедница туку можат да остават и пример за следните генерации да го продолжат тој пат.

Пораки од членови на Младинска Локална Банка-Карпош

За млада и мотивирана личност како мене да се биде дел од Младинските банки беше незаборавно искуство! Стекнав многу знаења, запознав многу пријатели и најважно од се ги проширив своите гледишта за младите и светот. Ако имате прилика да направите позитивна промена, никогаш не се откажувајте. Не постои сила која ќе ве спречи. Вие сте тие што си ги овозможувате искуствата во вашиот живот. Младинските банки  ми помогнаа во целост да го разберам значењето на младинскиот активизам и улогата на младите во процесот на промени како на локално така и на глобално ниво. – Софија Симоска

Сметам дека секој млад човек треба да биде активен во својата средина за да придонесе за подобра иднина, и токму затоа и решив да се вклучам во овој проект. Целиот процес последниве неколку месеци ми докажа дека мотивирани млади од разни генерации, поседувајќи разни вештини а со заедничка визија можат да направат многу за својата општина. Богатството е токму во тоа, со нашите различности заедно да изградиме и креираме проекти кои ќе бидат достапни за сите млади. Мојата цел преку овој проект беше да покажам дека активизмот треба да биде должност и секојдневие на секој човек. – Илина Сековска

Како млада средношколка сметам дека сум во периодот од животот кога треба најмногу да стекнувам нови искуства. Новите искуства се повредни кога  имаат цел да ги подобрат моите лични способности , но воедно и да ја подобрат околината во која живеам. Затоа и се приклучив на овој проект, бидејќи очекував дека по дружбата, планирањето и спроведувањето на истиот, заедно со мојот тим ќе успееме да направиме некоја интересна и добротворна промена во општината во која живееме. Така и се случи. Многу сум задоволна од крајниот резултат, и сметам дека ова и понатаму ќе остане супер можност повеќе млади да се вклучуваат во креативно подобрување на околината во која живеат. – Теодора Тодорова