Се уште имате дилеми околу вашата кариера? Младите можат ви нуди можност да ги разрешите овие дилеми и да го направите првиот чекор на својот кариерен пат!

Меѓу најважните одлуки во животот на еден млад човек е одлуката за неговата кариера. Често на младите им треба некое насочување, со цел да дознаат дали патот по којшто сакаат да одат е вистинскиот, па токму поради оваа причина Младите можат им дава можност на 20 средношколци од Скопје да учествуваат на програма за кариерно насочување „Кариерен пат: Направи го првиот чекор“.
Оваа програма содржи 4 модули на обуки, секој модул со времетраење од два дена во кои 20те учесници ќе имаат можност да креираат лични кариерни планови, да добијат поголема свест за себеси и визија за понатамошната кариера и кариерен пат.

За успешно завршување на програмата, воедно и добивање на потврда за истата, потребно е присуство на секој учесник на сите 8 дена од програмата.

Датумите на одржување на модулите и фасилитаторите на истите се следните:

– Модул 1 – фасилитатор: Горазд Смилевски, основач и генерален менаџер на Бизнис Академија Смилевски – датуми: 15.08.19 & 16.08.19
– Модул 2 – фасилитатор: Марија Стефанова, психолог, психотерапевт во Психолошко советувалиште и консултативно едукативен центар Петар Пан – датуми: 21.08.19 & 22.08.19
– Модул 3 – фасилитатор: Маја Смилевска, консултант со над 10 години работно искуство во областа на јакнење на индивидуални капацитети – датуми: 27.08.19 & 28.08.19
– Модул 4 – фасилитатор: Маја Смилевска, консултант со над 10 години работно искуство во областа на јакнење на индивидуални капацитети – датуми: 03.09.19 & 04.09.19

 

Никогаш не е премногу рано или доцна да осознаеш повеќе за себе, или пак да ги преиспиташ одлуките кои сакаш да ги донесеш. Преку овие модули со искусните обучувачи кои ќе ги водат обуките ќе имаш можност да поработиш на себе, дури и преку лична комуникација со експерти.
Целта на овој проект е да се развие разбирање на потребите, интересите, вредностите, талентите и претензиите во поглед на образование, вештини, вработливост и работа на младите преку вкупно 8 дена на работа на себе со помош на искусни обучувачи.

Оваа програма е дел од проектот „Кариерен пат: Направи го првиот чекор“ имплементиран од Младите можат и поддржан од Агенција за млади и спорт. Оваа програма е наменета за средношколци кои ќе можат целосно да се посветат и да учествуваат на сите обуки за да можат најмногу да извлечат од истата. Ве повикуваме да аплицирате со пополнување на апликацискиот формулар достапен на овој линк и негово испраќање најдоцна до 07.08.19, 20:00.
Доколку имате дополнителни прашања обратете ни се на [email protected].