6ти по ред, традиционален Мотивациски викенд – Викенд наменет за мотивација, инспирација, вмрежување, поттик и успех. 8ми и 9ти ноември, 2019та година беа двата дена наменети токму за овој настан, а салата Империјал во Македонската опера и балет повторно беше жариште каде повеќе од 150 млади имаа можност да го почувствуваат нерамномерниот, динамичен пулс на мотивацијата.

Целта на Мотивациски викенд уште од неговата прва реализација е да ги мотивира младите да работат на себе, на приватен и професионален план, преку успешни луѓе кои ја споделуваат својата приказна за досегашните успеси и падови и работилници за личен и професионален развој. И оваа година одржавме викенд исполнет со инспиративни говори, корисни и интерактивни работилници, со млади кои сигурно чекорат по патот кон успех и себереализација и со забрзан мотивациски пулс како никогаш до сега.
И оваа година модератор на настанот беше нашата долгогодишна пријателка и соработничка Александра Пановска Илиевска. Прв сцената ја зазеде Петар Лазаров, ко-сопственик на Македонија експорт и автор на книгата Tip of the week. Споделувајќи ја својата инспиративна приказна укажа дека и навидум невозможното може да се направи. Им посака на младите успех при пронаоѓање на нивната мотивација и им порача секогаш да бидат најдобрaта верзија од себе си. „Парите не треба да ви бидат причина, туку последица. Бидете најдобри во тоа што го правите, a успехот и парите самите ќе дојдат” – порача Петар. Следен говорник кој ја пренесе својата животна приказна беше Антонио Кузмановски, сопственик на Вебглајдерс и основач на When in X и When in Krusevo. Преку споделувањето на неговата приказна вешто успеа да им долови на присутните дека никогаш не се знае каде претприемништвото и животот можат да те однесат. „Убаво е стратегијата да биде замислена, но работите постојано се менуваат” вели тој. По Антонио, следниот говорник кому му припадна сцената беше и првата дама, Аријана Коскарова, која се најде на новата листа „30 под 30” за 2019 година во Европа, креирана од магазинот Форбс. Коскарова го доби ова признание во категоријата „социјални претприемачи” со нејзиниот модел на иноватино неформално образование – Creative Hub. Пренесувајќи ја нејзината приказна, успеа да покаже дека препреките и грешките се дел од секојдневниот живот. „Секој ден е борба. не се откажувајте ако правите грешки, тоа се само грешки. Секогаш обидувајте се да ги надминете сопствените очекувања, но и очекувањата на вашите клиенти”.

Следно на агендата беше кратката пауза која младите ја искористија да продискутираат за кариерата, успесите и животот со првите тројца говорници и помеѓу себе, а потоа одбраа да учествуваат на една од двете работилници согласно нивните интереси. Ива Дујак од Brand Union ги воведе во „Основите на блогирањето” , полето на работа кое таа го владее, преку најразлични примери успеа да ги прикаже бенефитите од блогирањето, а со тоа и самата убавината и суштественоста на истото. На вториот кат од Македонска опера и балет, Иван Зографски од Solveo зборуваше за „Design thinking” и успеа да го придобие целото внимание на присутните кои ја прогласија темата за една од најзабавните и најпривлечните од изминатиот ден.

Возбудени и енергични, жедни за нови знаења и искуства, младите ги проследија и последните два говори од петочниот ден. Иако редовно е под светлата на мотивациската сцена, овој пат одлучивме малку подолго да ја задржиме и со задоволство да ја слушнеме приказната на Александра Пановска Илиевска, инаку медиумско лице, радио водител и менаџер. Добронамерно и позитивно порача: „Убаво е кога ќе се oсврнете на животот, да сте горди на она што сте го оставиле зад себе. Што и да замислете, може да бидете само истото треба да го сакате затоа што кога ќе го одберете она што навистина го сакате, се чувствувате како воопшто да не работите”. Последен за тој ден, но не и помалку инспиративен говор беше оној на Блаже Јосифовски, претседател на Ајде Македонија и активист во полето на заштита на животната средина. Доста умешно и метафорички посочи дека вешт морнар не се станува на мирно море. Како љубител на тимската работа и влијателен претприемач им порача на присутните да преземаат ризици иако не се сигурни за истите. „Направете радикален чекор за да излезете од вашата комфортна зона. Направете чекор кој се плашите да го направите и верувајте во работа во тим бидејќи индивидуално мошне тешко се стигнува до посакуваната цел”.

Во полн ек, на исто место и во исто време започна и вториот ден на овогодинешниот Мотивациски викенд. Д-р Владимир. Трајковиќ, професор на Финки и ко-основач на Seavus, докажа дека професорите со кои секојдневно се среќаваме навистина можат да бидат едни од најинспиративните личности. Со добри намери и доза на емпатичност порача: „Никогаш не се откажувајте од вашите идеали. Бидете претпазливи, внимавајте и верувајте во себе. Не бидете егоистични и секогаш сослушувајте ги другите”. Во целата атмосфера на просвета и образование, следна која ја зазеде сцената беше Д-р. Каролина Ристова-Астеруд, професор на правниот факултет „Јустинијан Први” при УКИМ. „Многу е убаво да имате мобилност, да стекнувате знаења преку патување, но она што е стекнато треба да се примени во сопствената држава. Мора да се борите за тоа што е ваша кауза”. Борбено и родољубиво порача Астеруд надоврзувајќи ја нејзината животна приказна која несомнено побуди интерес кај присутните. Следниот говорник сигурно ќе остане запамтлив по неговиот ведар карактер, искрените насмевки кои ги предизвика кај младите како и по неговиот извонреден говор од кој тие можеа да научат многу. Станува збор за Блаже Аризанов, меѓународен претприемач, ко-основач на стартап-от StayUncle и автор, кој бизнисот ќе го одведе илјадници километри од дома, дури во Индија. „Никогаш не можев да си го дозволам неуспехот”, a потоа додава „Предизвикот е како да останете релевантни со она што го нудите, што и да нудите задржете го вашиот идентитет” – порача Блаже затворајќи го говорот со одговор на многубројните љуботни прашања побудени од неговата инспиративната приказна.

По стапките на агендата, младите ефикасно ја искористија паузата да исцрпат знаења и совети од говорниците, но и да добијат одговор на прашања кои не успеаа да ги постават. По ефективната пауза, се упатија кон работилниците со различна но еквивалетно интересна тематика. Во салата Империјал, Ана Јовковска, ПР специјалист, новинар, комуниколог и активист, ги сподели нејзините знаења за „Teхниките на говорење” и ги увери присутните дека јавниот говор и не е толку страшен. Знаејќи ја неопходноста на јавното говорење, преку најразлични вежби, примери и интересни факти им помогна на учесниите да го направат првиот чекор на патот кон станување на вешти и успешни оратори. Два ката погоре, Фросина Полазаревска oд Brainster објасни кои работи влијаат за составување на едно издржано CV. Им објасни на младите дека работодавец нивното CV би го гледал 3 – 7 секунди и им покажа неколку трикови како истото да задржува внимание и да им осигура вработување.

По работилниците, како последен говорник за овој 6ти Мотивациски викенд беше Коста Караманолев, основач на бербер и бар – Вторник. Знаејќи ги преголемите обврски на младите луѓе и нивната постојана трка со времето, тој им порача да размислуваат за живот надвор од куќа со четири ѕида. „Живејте го градот во кој што сте, не бидете заглавени во школските ѕидови и живејте ја улицата надвор од школските клупи”.

Мотивациски викенд 6 беше во рамки на проектот Кариерен пат: Направи го првиот чекор, поддржан од Агенцијата за млади и спорт.

До следна година, млади!