„Активно граѓанство, солидарност, волонтирање, кариерен развој, општествена одговорност, младински фонд, поддршка, соработка, одржливост. Уникатен концепт, добро познат на глобално ниво, моќна алатка за солидарност и општествена одговорност, кој на 10ти ноември 2021г. за прв пат ги обедини младите и возрасните во нашата земја.

Ден кога 80 средношколци од Северна Македонија стекнаа искуство за работата која отсекогаш ја посакувале, а истовремено се ангажираа во заедницата за да им овозможат на своите врсници подобра положба во земјата.

Ден кога 30 општествено одговорни домашни компании и организации обезбедија работни позиции за младите и донираа време, знаење и финансиски средства за доброто на младите. 95,000 денари изнесува младинскиот фонд креиран преку соработка на младите и возрасните, кој во наредните месеци ќе придонесе за спроведување на младински проекти.“

Токму ова се главните резултати од првиот SOCIAL DAY во Северна Македонија, спроведен од Здружение на граѓани Младите можат на 10ти ноември 2021г. На овој ден 30тина домашни компании и организации земаа учество и обезбедија позиции за над 80 средношколци, меѓу кои: Центар за Младински Активизам Крик, Ултра, Фондација Фридрих Еберт, кафуле СКУП, Македонски центар за меѓународна соработка, Кодит Солушн, Приватна агенција ДЕКРА , ИТ Лабс, Фондација Конрад Аденауер,  козметичко студио Тропик Белеца, ЛЕАД Скопје, Бизнис академија Смилевски, ЕУРОНИКЛ – Кавадарци, ПЗУ Аптека ДНА АННИ ФАРМ, Национален Младински Совет на Македонија, РЕСОРТ МАВРОВО, Ултранет, Микел, Тинекс маркети, Рудник Бучим Радовиш.

Мојата работна позиција беше во аптека, што беше од посебен интерес за мене, поради тоа што научив многу нови работи од фармацевската индустрија и беше нешто поразлично од само еден обичен ден поминат во училишна клупа.” – Ева Каранфиловска, учесник на Social day на позиција Фармацефтски техничар во ПЗУ Аптека ДНА АННИ ФАРМ

“Волонтирањето во МЦМС е секогаш добредојдено и ценето. Ни преставува задоволство што може позитивно да влијаеме на развојот на младите и да им овозможиме својата иднина да ја гледаат во својата земја. Ева Доневска и Верица Георгиева се вклучија во тимот за развој на граѓанското општество, додека Зафир Стојчевски и Веда Ефтимова имаа задачи поврзани со активностите за борба против-корупција и во програмата Цивика мобилитас. Нивните активности вклучуваа деск истражување како поддршка на неколку истражувања кои редовно се прават во МЦМС.” – Александра Савевска, Соработник на проекти во Македонски центар за меѓународна соработка

Јас бев волонтерка во компанијата Ултра Нет, на позиција веб-дизајнер. Многу беше интересно да научам нешто повеќе и да се запознаам со професионалци од таа област. Сметам дека е прекрасно и практично искуство кое може на секој млад човек да му помогне во изборот на неговата идна професија. Пријавете се наредната годна и уживајте.” – Јана Иванова, учесник на Social day на позицијата веб дизајнер во компанијата Ултра Нет

“Младите се катализатори на промени чиј потенцијал треба да се охрабрува, пред се од нивните заедници. Нашата мисија е да ги подготвиме младите за лична позитивна трансформација, да придонесеме кон општество во кое младите се двигатели на промена за слободно и одговорно инклузивно општество.Преку Social Day сакаме да видиме ангажирани заедници, соработка помеѓу државните институции, граѓанските организации и бизнис секторот, поддршка од родителите, врсниците, наставниците, младинските работници и кариерните советници, кои креираат овозможувачки и поддржувачки средини за младите. Веруваме во млади коишто размислуваат глобално, но делуваат локално, млади кои имаат развиено чувство за солидарност, млади кои го инвестираат своето време за подобрување на состојбите во својата заедница, млади кои веруваат во одржлив свет.” – изјави Анита Николовска, Извршен директор на Здружение на граѓани Младите можат.

Во наредниот период се очекува отворање на повик за поддршка на младински проекти, на кој токму млади луѓе ќе можат да поднесат идеја за подобрување на одреден младински предизвик во нивната заедница и да добијат финансиска и менторска поддршка за реализација на нивниот проект.

Проектот “Social day” е имплементиран од Здружение на граѓани Младите можат, a e поддржан од германската фондација Schuler Helfen Leben.